Економија

Државниот и јавниот долг растат и без вкалкулирана еврообврзница

Државниот и јавниот долг растат и без вкалкулирана еврообврзница

Јавниот и државниот долг пораснале за 95,4 и 82,7 милиони евра само во октомври, ноември и декември, објави денеска Министерството за финансии. Тука не се вкалкулирани половина милијарда евра од еврообврзницата која е издадена во јануари, што ќе придонесе кон ново зголемување на јавниот и државниот долг.

Согласно податоците објавени на веб страната на Министерството за финансии, јавниот долг заклучно декември изнесува 4 милијарди 786 милиони и 900 илјади евра и е за 95 милиони и 400 илјади евра зголемен во однос на претходниот квартал. Јавниот долг прикажан како процент од БДП изнесува 46,7% од БДП што покажува зголемување од 0.9 процентни поени.

Државниот долг изнесува 3 милијарди 958 милиони и 500 илјади евра и е зголемен за 82.7 милиони евра во однос на претходниот квартал. Како процент од БДП државниот долг сега изнесува 38,7% од БДП и е зголемен за 0,9 процентни поени.

На годишна основа во апсолутен износ јавниот долг е зголемен за 75,5 милиони евра, додека државниот за 107 милиони евра.

Согласно фискалната стратегија до 2019 година јавниот долг се очекува да се искачи до 55,9 осто од БДП.