Култура

Новиот филм „Бикини мун“ на Милчо Манчевски ќе биде прикажан на „Синеквест“

Новиот филм „Бикини мун“ на Милчо Манчевски ќе биде прикажан на „Синеквест“

Петтиот игран филм „Бикини мун“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски ќе ја има својата американска премиера на фестивалот „Синеквест“ во Силиконската Долина, со проекција на 3 март оваа година.

Светската премиера на „Бикини мун“ на Милчо Манчевски се одржа во октомври 2017 година на филмскиот фестивал во Сао Пауло, Бразил. По премиерата, бразилските медиуми беа преполни со пофалби за новото остварување на Манчевски.

Џуи Аугусто пишува во „О Кве тем на носа естанте“: „Милчо, провокативен како и секогаш го дава најгенијалниот и најжесток коментар на информатичкото општество. Манчевски ни покажува колку е болно современото општество. Низ објективот на Манчевски гледаме лицемерно и демагошко општество населено со т.н. добри граѓани полни со ’добри намери‘ кои се, всушност, автоматизирани, апсолутно невротични и шизофрени и кои живеат во декадентно општество кое само што не колабирало. Делото на Манчевски флертува со надреализмот со цел да ја прикаже стварноста. Тој е режисер-филозоф“.

Главните улоги во „Бикини Мун“ ги играат Кондола Рашад, ѕвезда на серијата „Милијарди“ и трикратно номинирана бродвејска актерка, и Сара Голдберг. Директор на фотографијата е Џош З. Вајнстин, а монтажерка Ен Хусеин. „Бикини Мун“ е снимен во Њујорк, и е копродукција меѓу САД, Германија и Канада. Ова е првиот филм на Манчевски во кој не учествува Македонија.