Култура

Врачена наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема во 2017-та година

Врачена наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема во 2017-та година

По повод 125 годишнината од смртта на големиот македонски поет и преродбеник „Григор Прличев“, во рамките на манифестацијата „Прличеви Беседи“, денеска на поетесата Гордана Стојаноска ѝ беше врачена наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема во текот на изминатата година. Од пристигнатите 13 дела, жири- комисијата како најдобра ја избра нејзината поема „Клучевите“.

За поемата „Клучевите“ на авторката Гордана Стојаноска, денеска во Охрид ѝ беше врачена наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема во 2017-та година. Мотивот да ја напише поемата, како што рече првата поетеса добитник на ова значајно признание произлегла од онаа состојба во која што се наоѓа човекот во модерниот свет, кој што постојано е изложен на негативни информации, кои што зборуваат за несреќи, војни и човечки страдања.

„Во суштина поемата се обидува да ги стави на вага сите оние универзални врвни вредности како што се цврстата вера, безусловната љубов, силната надеж, храброста, љубопитноста да се открива, желбата да се оди напред и да има прогрес. Тоа претставува едно трагање по одговор дека тие вредности сеуште постојат и дека човештвото и човекот како суштество е сеуште подготвен да се издигне над сето тоа зло што постои на овој свет“, изјави поетесата Стојановска.

Поемата е внатрешна потрага по упориште од кое што е можно не само да се сведочи, туку и да се љуби светот.

„Што денес во едно време кое е доста профанизирано, со многу урнати вредности и без некоја цврста аксиолошка вредносна вертикала, тоа не е едноставна задача, да се опејува некаква вредност“, рече Наташа Аврамоскапретседател на жири комисијата.

Прличевите Беседи продолжуваат утре со полагање на ловоров венец на бистата на поетот, промоција на книгата „Сага за Охрид“ од Валентина Нелоска и традиционалната Охридска визита.