Скопје

100 дена скопјани се гушат, а Шилегов мува не го лази

100 дена скопјани се гушат, а Шилегов мува не го лази

Скопје секојдневно се гуши во нечист воздух, загаденоста на воздухот се движи неколкукратно над дозволеното. Главниот град подолг период е на врвот на светски најзагадени градови. СДСМ и Шилегов пред изборите ветуваа експресно решавање на проблемот со загадениот воздух. 8 месеци СДСМ ја има централната власт, 100 дена локалната и во сиот овој период немаме ниту една мерка во насока на решавање на загаденоста. Единствено празни зборови, многу фалење, но без дела.

Вечерва загаденоста во Лисиче е 215 mg/m3  ПМ-10 честички, што е 4 пати над дозволеното, во Гази Баба загаденоста изнесува 119 mg/m3, додека во Карпош нивото на ПМ10 честички во воздухот е 110 mg/m3.

Ситуацијата е слична во целата држава. Во Струмица нивото на загаден воздух е 243 mg/m3  ПМ-10 честички, во Битола нивото на ПМ10 честички е 176 mg/m3.

Во јавноста останаа запаметени изјавите на СДСМ пред парламентарните избори, кога ветуваа експресно решавање на загадувањето. Имено Пеце Мирчевски,  претседателот на партиската комисија на СДСМ за животна средина и просторно планирање изјавуваше дека со промената на власта ќе се намали загадувањето на воздухот. Мирчевски тогаш велеше дека граѓаните имаат право на чиста и здрава животна средина и по 11 декември тоа ќе им го овозможеле.

Помина година ипол од изјавите на Мирчевски, а 8 месеци откако СДСМ ја има власта, но решение нема. Граѓаните на државата, а најмногу скопјани секојдневно дишат воздух чија загаденост неколкукратно ја надминува нормалата.

Алармантната состојба со загадениот воздух секојдневно ги полни болниците. Детската клиника за белодробни заболувања е преполна со дечиња, кои најмногу ги погодува загадениот воздух. Додека родителите незнаат како да ги заштитат своите деца од загадувањето, одејќи и враќајќи се од училиште, Заев ужива во мотоспортот во Берово.