Спорт

Ангеловски пикираше за Лихтенштајн, Трајковски стартува од првата минута во Струмица

Ангеловски пикираше за Лихтенштајн, Трајковски стартува од првата минута во Струмица

Само победа е единствената опција во вечерашниот меч со аутсајдерот во групата Лихтенштајн.

По одличното реми на гостувањето кај Италија во претходното коло (1-1), нашата најдобра фудбалска репрезентација вечерва (20,45) на домашен терен го пречекува Лихтенштајн, аутсајдерот во групата „Г“, во последното коло од квалификациите за СП Русија 2018.

За жал немаме можност да напредуваме во групата, поточно за третото, односно четвртото место, до кое ќе бевме сигурно поблиску доколку остваревме барем уште една победа во претходните натпревари, но, освен триумф над Лихтенштајн дефинитивно друг избор нашите фудбалери немаат за вечерашната пресметка.

Селекторот Игор Ангеловски веќе пикираше за почетниот состав за мечот кој ќе се одигра на стадионот „Младост“, Македонија ќе игра во формациска поставеност од 4-4-2, а погодоци најмногу ќе се очекуваат од капитенот Пандев и Несторовски, кои се најударните во офанзивниот ред.

Конечно, стартер уште од првата минута во дресот на Македонија ќе биде Александар Трајковски кој веќе во два наврати погоди обезбедувајќи реми за нашата репрезентација во претходните две средби од квалификациите, против Албанија, односно против Италија.

Македонија: Димитриевски, Ристевски, Зајков, Муслиу, Алиоски, Трајковски, Пандев, Хасани, Ристовски, Барди и Несторовски. На клупата за резервни фудбалери се Нилсон, Шишковски, Тошевски, Дориев, Тричковски, Ѓорѓев, Адеми, Јаховиќ, Радески и Елмас.

Мечот во Струмица ќе го суди луксембургскиот арбитар Лорент Коприва.

Билансот од шесте меѓусебни средби со Лихтенштајн ни е пет победи и едно реми.