Спорт

Борозан, Гуглета и Цвијиќ меѓу најдобрите во ЛШ ова коло

Борозан, Гуглета и Цвијиќ меѓу најдобрите во ЛШ ова коло

Иако викендов резултираше со две ремија и само една победа за македонските екипи во Лигата на шампионите, сепак и Вардар и Металург и ЖРК Вардар имаа свои претставници меѓу најдобрите.

Вуко Борозан е најдобар лев бек, а Александар Гуглета е прво десно крило ова коло. Борозан со осум гола беше најефикасен на гостувањето кај Пик Сегед и беше еден од двигателите на Вардар во ремито 26-26.

Гуглета, пак, имаше шест од шест во првиот дел, а на крај заврши со седум гола во возбудливото патување на Металург кај Мотор, кое резултираше со 28-28. Најдобриот тим на колото го комплетираа Толбринг од Рајн-Некар, Часар од Кадетен, Млакар од Целје, Сипжак од Барселона и голманот Пешиќ од Мешков.

Во женска конкуренција, Драгана Цвијиќ уште во првиот настап за Вардар во Лигата на шампионите остави впечаток. Постигна седум гола во победата над Ференцварош со 34-31 и затоа беше избрана како една од трите ѕвезди на колото.

Место меѓу најдобрите доби и Ина Суслина, како петта меѓу петте најатрактивни одбрани.