– Бугарскиот министер за одбрана Тодор Тагарев на заедничка прес-конференција со неговиот украински колега Олексеј Резников во Одеса изјави дека Бугарија може да започне со префрлање оклопна борбена опрема во Украина уште оваа есен.

Како што јави БТА, Тагарев посочи дека станува збор за 100 оклопни транспортери од советски тип.

– Ова донекаде го пролонгира процесот поради фактот дека мора да се потпише договор меѓу Министерството за внатрешни работи на Бугарија и Министерството за одбрана на Украина.

Овој договор мора да биде ратификуван од нашиот Парламент. Штом ќе продолжи со состаноците во септември, мислам дека тоа ќе биде една од приоритетните задачи.

А до крајот на септември, почетокот на октомври веќе ќе имаме ратификација на овој договор и мислам дека тогаш може да започне трансферот (на опремата), наведе Тагарев.

Тој додаде дека Бугарија ја поддржува Украина во нејзините аспирации за членство во НАТО по забрзана процедура.

Според него, штом војната заврши, Украина треба да има многу јасна и брза перспектива за приклучување кон Алијансата.

Додека Резников посочи дека тој и Тагарев разговарале за актуелната ситуација, вклучително и за регионот Азовско-Црно Море, како и за идната соработка во повеќе области.