Занимливости

ШВЕЃАНКА ВО ШОК: Шо мажи ќе бевте бе Македончиња?

ШВЕЃАНКА ВО ШОК: Шо мажи ќе бевте бе Македончиња?

Се викам Тоње Андерсен и сум од Шведскиот град Малме. Со Република Македонија ме врзуваат претежно добри спомени. Не можат од глава да ми излезат специјалитетите кои таму ги јадев, сармите, тавче-гравче, скарата…

Инаку во Македонија престојував пред неколку години, како преставник на компанија која изгради своја фабрика во индустриската зона.

Освен од храната, фасцинирана бев и од животот кај вас, опуштените излегувања и дружбите кои се секојдневни, нешто, што во мојата држава не може да се замисли.

Исто така ми одговараше и климата, пријатното и релативно топло време, прошетките на Водно и особено прекрасното Охридско езеро.

Имам 32 години и поради мојата работа која е поврзана со постојано патување од држава во држава, досега немав прилика да имам некоја стабилна врска. Токму во Македонија ми заиграа ѕвездички во стомакот!

Се случи спонтано, со една моја колешка бевме излезени во едно кафуле во центарот на Скопје. На соседната маса седеше друштво од неколку мажи и две жени. Подоцна разбрав дека биле на роденденска прослава на колешка од фирма.

Нашата маса беше многу блиску до нивната. Во еден момент, кога и ја пееја роденденската песна, Саша (да тој Сашо) се зврте кон нашата маса и спонтано не натера и ние да пееме. Потоа не почастија пијалок и нашата маса се спои со нивната.

Се запознавме и се дружевме во следните два часа.
Забавата беше денска, а кога се стемни и нивното друштво се подготвуваше да си заминат, Сашо како вистински џентлмен предложи мене и пријателката да не префрли до дома. Мојата колешка се извини и рече дека сака да прошета низ Трговскиот центар, па останав само јас.

Влеговме во неговиот автомобил и ме префрли до станот кој го имав изнајмено, во населбата Капиштец.

Веднаш ќе кажам, црномурестиот Сашо ме освои, пред се со неговата шармантност и смисол за хумор. Убаво се изнасмев тој ден и на неговото прашање дали може да си размениме телефони и да се видиме повторно, без размислување одговорив потврдно.

Веднаш следниот ден се видовме, денот потоа и денот потоа. Се потоа е класика. Започнавме романтична врска, која се одвиваше во следните неколку месеци.

Една работа која ја приметив од самиот почеток и која ми беше чудна, беше тоа дек Сашо речиси секојдневно се гледаше со своите пријатели и тоа во кафеана.

Се прашував самата себе, нормално ли е ова, дали овие луѓе нешто работат (Сашо работеше во приватна фирма, хостинг компанија), бидејќи секој ден се во кафеана. Неретко знаеше да се случи навечер ко ќе излезевме, Сашо да биде веќе поднапиен, што искрено ми пречеше. Не дека и мажите во мојата земја не пијат, но сепак не пијат секој ден, туку во петок и сабота, кога излегуваме.

И покрај сè, се вљубив во Сашо и кога од фирмата ми стигна известување дека за еден месец мојот работен ангажман ќе продолжи во Швајцарија, јас веднаш му предложив на Сашо да дојде со мене. Тој во почетокот беше воодушевен и пресреќен и како едвај да чекаше да дојде тој ден.

Сашо зеде неплатено отсуство од работното место и отидовме. Се сместивме во убав стан, во центарот на Луцерн. Јас почнав веднаш на работа, а за Сашо баравме работа. Да бидам искрена, мојата плата во Швајцарија и средствата што ми ги даваа за трошок беа толку високи, што Сашо немаше ни потреба да работи.

Но како одминуваше времето, во неговите очи почнав да гледам носталгија. Особено кога неговите “другарчиња” ќе му пуштеа на Вибер слики од нивните целодневни пијанки во некоја кафеана. Е тоа ме ужаснуваше. Почнав да му префрлам, да го прашувам дали тоа му недостига. Тој отпочеток негирапе, изговор му беше дека повеќе му недостигаат родителите и сестрата, ама аман, триесетгодишен маж беше, не мало дете.

После само два месеци од нашиот престој, едно попладне кога се вратив од работа, не го најдов дома. Оставил едно кратко пусулче во кое пишуваше:

“Извини, те сакам, но морав да одам”

Не се разочарав многу, иако ми беше тешко. Мачнината инстантно ми помина во првиот момент кога на месинџер ми прати фотографија од кафеана, потпијанет, а под сликата пишуваше “Те сакам”. Како да не! Фуј таму!

Бев пресреќна што не направивме дете и што сето ова се случи на почеток. Сепак, и покрај сè, во моето срце секогаш ќе има едно делче кое ќе се сеќава на Сашо и на прекрасната Македонија!

П.П.

Извадок од збирката раскази “Приказни од дијаспората” – Галама