Живот

Исповед на една Македонка: Свекрва ми сакше да умрам и ми правеше црна магија!

Исповед на една Македонка: Свекрва ми сакше да умрам и ми правеше црна магија!

Од првиот ден ме мразеше! Кога бев млада бев многу убава, со долги и витки нозе, па многу убаво ми стоеше минич. Миле беше зацопан во мене, а богами и јас во него. Таа, мајка му, уште од самиот почеток кога првпат ме запозна, почна да ме навредува. Но Миле не и обраќаше внимание.

Постојано слушав муабети од неа, па еднаш дури преку една стринка ми испрати закана. Ама со Миле бевме млади и вљубени, а јас – што од инает го носев миничот, што за ќеф на Миле.

Се зедовме со Миле и кратко време живеевме заедно со свекрва ми и свекор ми. Секој ден ми префрлаше за нешто. Секој ден плачев. Миле имаше земено кредит од работа па дигавме уште еден кат на куќата, за да можеме да живееме одвоено.

Агонијата траеше една година. Конечно се преселивме еден кат врз нив. Ми се роди синот, па бев на породилно отсуство. Секој ден се качуваше за да тропа, го будеше малиот, го дразнеше, а еднаш дури толку ме навреди што цел ден плачев! Ми рече: којзнае чиво е детево, наше сигурно не е! Не личи на Миле!

Ова дур сум жива ќе го памтам! Ставаше ќебиња врз глава и демек го игра детето а таа го плашеше и го стресуваше. Пееше некоја глупава песна: Иде Меца, иде меца, се симна од планина, ууууууууу…

Често му фалеа бенкичиња и блузички, а по некое време мистериозно се појавуваа. Почнаа сосетки да ми доаѓаат и да ме предупредуваат дека свекрва ми правела магии за мене и детето да сме умреле. Одела и кај Оџата. Ми велеа: Маријо не се будали, нели гледаш дека детето ти е слабо, постојано плаче, заоѓа, гледаш ли како е модро околу очите, му ја гледаш ли таа сина линија на коренот на носот? Уште какви знаци ти се потребни? Спасувај се жено! Види се на што личиш, пола човек си се направила, кога последен пат си се видела во огледало??

Јас само одмавнував со раката и се смеев шеговито. Од дома ме учеа да бидам љубезна и никако да не ја оговарам свекрвата. Мајка ми живеела со три јатрви, па ме учеше на кроткост. И бев кротка, а внатре во себе беснеев.

Едно утро кога сакав да купам леб и млеко, само што ја отворив вратата ме удри силна смрдеа. На скалите беше размачкана кал. Не, не, кога се доближив одблизу да видам, сфатив дека тоа се човечки гомна!

Можев да претпоставам што се случило: свекор ми беше в постела од мозочен удар, а таа му правеше измет. Пелената сигурно ја истурила и ја размачкала овде, пред мојата порта. Цел месец истурав варакини на скалите, но смрдеата уште ја осеќав.

Сосетките продолжуваа да доаѓаат. Почнаа и нивни роднини да идат, сите ме жалеа и ме предупредуваа. Го жалеа и свекор ми. Велеа дека кутриот офкал од жед и глад, а усните му биле испукани и излупени. Го држела на пост за да не мокри и да нема измет. Јас се симнував колку можев за да му подадам нешто, ама таа ме бркаше или не ми отвораше врата. Така кутриот си умре за чаша вода.

Продолжи да ми приредува разни пакости. Кулминација достигна кога ми кажаа дека ми ги украла новите чизми и ги однела на гробишта: Марија, едната чизма ти ја обесила врз крстот на еден гроб, а другата врз друг гроб. Како ќе скапуваат тие, така и ти да скапуваш! Појди и види си со свои очи!

Чизмите вистина ми ги снема. А само што ги купив пред една недела. Се облеков и тргнав. Точно знаев на која парцела да се упатам, на кој гроб да одам. Што да видам: расчеречени, распнати врз гробовите, зјаат моите кафеави чизми раскопчани во патентот.

Со неверување се приближав, ја зедов едната чизма, ја вртев низ раце, таа е. Ја зедов и другата. Ги пикнав во торбата и се вратив дома. И се заблагодарив на пријателката што ми го причува детето и што ми ја кажа информацијата. Бев многу потиштена и уморна.

Се врати Миле од работа па му раскажав што се случи. И нему не му се веруваше. Сепак, мајка му е. Но јас поставив ултиматум, или таа или јас. Бев спремна да се спакувам и да си одам кај мајка ми. Но тој ми рече, не Марија, нема сама да си одиш, и јас ќе дојдам со тебе.

Така, заедно тројцата уште истата вечер преспавме кај моите, а потоа побаравме стан под кирија. Претрпевме многу маки по судови додека се подели куќата, но ние моравме да го продадеме нашиот дел за да може да подигнеме нов кредит. Сега имаме наш стан, подалеку од свекрва ми. Родив уште еден син, а пред шест години ја родив и ќерка ми. Свекрва ми ниту еднаш не дојде да ги види внуците.