110 километри автопатишта ќе чинат 1,3 милијарди евра, ама може и повеќе

1
Економија 14.03.2023. 08:59

Не само што не знае како ќе гради, државата не знае ниту колку точно ќе чини изградбата на 110 километри автопатишта, проект првично оценет на 1,3 милијарди евра. Во оваа сума не се пресметани дополнителните 300 милиони евра кои државата треба да ги одвои за експропријација на имотите на кои ќе се градат автопатиштата.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Ејуп Рустеми на потпишувањето на договорот минатата недела изјави дека, поучени од изградбата на делницата Кичево-Охрид како дел од Коридорот 8, на кој беа откриени низа грешки, Владата не сака да брза со предвремени решенија. Со изградбата на четири делници од автопатиштата на коридорите 8 и 10д, Македонија ќе се поврзе со Албанија и Бугарија.

Ниту од ЈПДП ниту од Министерството за транспорт и врски, ни пак претставниците на ИРД, фирма надзор на изградбата на автопатиштата не знаат точно да одговорат како утврдиле дека за 110 километри автопатишта ќе треба да се плати 1,3 милијарди евра. Она што засега се знае е тоа дека договорот со изведувачот е изготвен во согласност со принципот на ФИДИК договорите, а тоа е принципот на измерени количини. Тоа подразбира дека плаќањата ќе се вршат според реализираните работи на терен. Колку ќе се потроши толку и ќе се плати.

Според првичните проценки изградбата на четирите делници од автопатиштата на коридорите 8 и 10 ќе чинат 1,3 милијарди евра, но сѐ уште не се знае колку точно ќе чини одделно секоја од четирите делници. Засега има само иницијален проект, по што ќе следи основен проект, па дури потоа ќе прави и проект на изведба со што ќе се знае колку точно пари ќе бидат потрошени.

Сепак јасно е дека најскапа ќе биде делницата Гостивар – Букојчани долга 30,3 километри. Планирано е за неа да се потрошат повеќе од пола милијарда евра или 560 милиони евра. По неа следува делницата Требеништа – Струга – Ќафасан долга 21,7 километри која ќе чини 360 милиони евра, па Прилеп – Битола во должина од 39,4 километри и цена од 260 милиони евра. Најевтина ќе биде делницата Тетово – Гостивар во должина од 17,5 километри што ќе ја чини државата 125 милиони евра.  Ова значи дека еден километар пат во просек би чинел по безмалку 12 милиони евра не земјаќи ја тука предвид експропријацијата за која дополнително ќе се исплатат околу 300 милиони евра. Директорот на ЈПДП Ејуп Рустеми вели дека годишно во просек ќе се градат по 23 километри автопат.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски пак, вели дека, цените за изградба се базираат врз физибилити студијата изготвена од Градежниот факултет и ревидирана од консултантската компанија „Гранд Тортон“.

Објаснувањето зошто цените се значително повисоки од, на пример делницата Демир Капија – Смоквица која чинеше околу осум милиони евра, од ЈПДП велат дека тоа се случувало во 2011 година и дека сега е сѐ поинаку.

„Сега сѐ е најмалку двојно поскапо. Тогаш арматурата се продаваше по половина евро сега е 1,5 евра. Вреќа цемент тогаш беше три или четири евра сега е осум или девет евра. Битуменот исто така. Работната рака сега е многу поскапа од колку во 2011 година. Сето тоа влијае врз крајната цена“, велат од секторот за градба на ЈПДП.

Колку за споредба, еден километар пат при изградба на автопатот Приштина – Скопје од 2015 година чинел 10,7 милиони евра. Српската влада за еден километар пат кај Грделичката клисура во 2016 година плаќал по 10,9 милиони евра. Еден километар пат на автопатот Белград – Сараево пак во 2021 година чинел 13,8 милиони евра.

Првите пари, околу 80 милиони евра на сметката на изведувачот „Бехтел и Енка“ ќе треба да легнат до крајот на овој месец, пари со кои фирмата ќе треба да почне да работи. Работите најпрво ќе започнат на делниците Тетово – Гостивар и Прилеп – Битола.

Покрај 1,3 милијарда евра, дополнителни околу 300 милиони евра ќе бидат потрошени за експропријација на земјиштето. Тоа што досега не е направена експропријација, според директорот на ЈПДП, Рустеми, нема да ја кочи работата на изградбата на автопатиштата.

„Државата може да располага со земјиштето од моментот кога ќе го извести сопственикот, кој потоа доколку не е задоволен од сумата што ќе му се понуди може да оди на суд и да бара повисока цена. Според законот не може сѐ одеднаш да се направи. Постапката оди преку Бирото за вештачења, па преку Државниот правобранител. Тука се и судските процеси затоа што 60 до 70 отсто од парцелите завршуваат на суд“, вели Рустеми.

На сите четири делници повеќе од половина или 55 отсто од земјиштето е во приватна сопственост. Останатите 45 отсто се на државата.

Според планираното изградбата на четирите делници треба да заврши до 2027 година. Финансирањето на проектот е од Буџетот на државата. За проектот, „Бехтел и Енка“ се номинирани за стратешки партнер од државата. Надзорот ќе го врши козорциум од четири фирми под водство на „ИРД инженеринг“.


Останати вести од Економија

Подкаст

Подкаст