153 години од раѓањето на Гоце Делчев

Денес се навршуваат 153 години од раѓањето на македонскиот револуционер и идеолог, Гоце Делчев. По тој повод, во црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде што се наоѓаат неговите посмртни останки, ќе бидат положени свежи цвеќиња од премиерот Христијан Мицкоски, делегации од кабинетот на претседателката, Собранието, политички партии и граѓани.

Нема да има заедничко одбележување со Бугарија

Оваа година нема да има заедничко чествување со Бугарија, бидејќи, според бугарските власти, тие не добиле официјална покана од македонската страна. Пред две години, бугарска делегација присуствуваше на одбележувањето, но на граничниот премин Деве Баир дојде до тензии, при што тројца бугарски државјани беа уапсени поради нарушување на јавниот ред и мир.

Откажано заедничко чествување на Гоце Делчев во Софија – повлекување на македонските уметници

Историско значење на Гоце Делчев

Македонија денеска му оддава почит на Гоце Делчев, револуционерот кој уште пред повеќе од еден век го разбираше светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Неговите посмртни останки од 1946 година се наоѓаат во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје.

За ликот и делото Делчев

Тој е идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. Во зачуваните писма Делчев пишува дека се бори за слободна и независна Македонија.