Претставници од Бугарската амбасада во Македонија и Генералниот конзулат на Бугарија во Битола не се појавија да положат цвеќе пред камената менора во центарот на Битола за време на одбележувањето на 80-годишнината од Холокаустот на битолските Евреи. За разлика од нив, меѓу дипломатите кои положија цвеќе беа амбасадори и конзули на повеќе европски држави на Германија, Франција, Црна Гора, Босна и други. Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница во Битола изјави дека испратиле покани до сите амбасади и конзулати во земјава, објави СДК.мк.
„Покани се упатени до сите амбасади и конзулати, до целиот дипломатски кор. Ние имаме одбележување на комеморацијата три дена. Денес е во Битола, утре во Штип и на 12 март во Скопје кој каде ќе дојде секој сам одлучува“, рече Леви.
Запрашан како ги коментира говорите во Бугарија дека за време на Втората светска војна биле администратори, а не окупатори во Македонија, рече дека се знае која била фашистичката оска и се знае кој ги собра невините еврејски жртви во сивите мугри на мартовското утро. Нагласи дека Македонија не смее да трпи притисоци за својата историја.
„Македонија загуби 7.144 Евреи. Остана беа еврејска популација, 98 проценти од еврејската популација беше уништена за време на Втората светска војна. Тоновите, провокациите кои ги слушаме во последно време, именување на клубови со проверени фашистички имиња е недозволиво. Такви провокации не водат кон прогрес кон она што сите сакаме да го реализираме, да го оствариме на нашиот Балкан. Македонија не смее да трпи никакви притисоци во врска со својата историја. Тоа не се билатерални прашања, тоа се мултилатерални прашања за кои треба да биде загрижена и целата Европа и целиот свет“, рече Леви.
На 11 март 1943 година од Битола до озлогласениот логор Треблинка беа депортирани според едни извори 3.351 битолски Евреин, а според други 2.726. Денес се одржа комеморација, полагање на цвеќе пред споменикот на Евреите и на народниот херој Естреја Овадија –Мара, како и Маршот на живите во кој на железничката пруга во Битола, од каде беа однесени битолските Евреи, присутните положија цвеќе и камчиња со имињата на некогашните еврејски семејства.
„Оддаваме почит и на храбрата Естреја Овадија Мара која загинала на неполни 22 години бранејќи ја својата Македонија од фашистичкиот окупатор. Прогласена е за народен херој. Таа била една од стотиците македонски Евреи кои се приклучиле кон партизанските одреди заедно со мојот дедо. И покрај сите материјални сведоштва некои и по осум децении го негираат Холокаустот. Нив денеска од антифашистичка Битола ќе им порачаме никогаш да не се повтори“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Градоначалникот Тони Коњановски порача дека само со почит кон минатото можеме заедно сплотени со љубов да продолжиме напред и да ја почитуваме мултикултурноста на Битола.