И македонскиот и албаснкиот опозициски блок се очекува во текот на денот да ги повлечат амандманите со што се отвора пат за деблокада на антикризните мерки кои во Собранието се заглавени повеќе од два месеца.
Поради блокадата во Собранието повеќе од 16.000 работници не можат да ги земат февруарската и мартовската плата, а заглавена е и помошта за стопанствениците.
– Уште во текот на денот можно е да ги повлечеме околу 3.000 амандмани за петиот пакет економски мерки. Алијанса и Алтернатива вчера ја повикаа ВМРО-ДПМНЕ да го одблокира Законот за државјанство. По најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека ги повлекува амандманите на тој закон, коалицијата АА-А ќе ги повлече амандманите за антикризните мерки – вели функционер од коалицијата АА-А.
Претходно, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, најави дека неговата партија ги повлекува амандманите на Законот за државјанство.
Во очекување на деблокада на петиот пакет економски мерки, од договорот во петок помеѓу Владата и АА-А зависи дали веќе предложениот Закон за државјанствово Собранието ќе се подобрува преку амандмани или власта и Алијанса и Алтернатива ќе одат со ново законско решение.
Мицевски денеска повика предложениот Закон за државјанство да биде ставен на комисиска расправа и потоа на пленарна седница, оти како што вели ќе се почека на договор за тој закон помеѓу Владата и АА-А.
Законот за државјанство на Алијаса и Алтернатива не доби поддршка од македонскиот блок партии.
Од Алијанса и Алтернатива велат дека нивниот закон во првобитната форма нема да оди на гласање во Собранието, бидејќи целта е да се најде решение за таа категорија граѓани, а не законот да не помине.
Допрва ќе се договара дали веќе предложениот закон ќе претрпи измени преку амандманска интервенција или со власта ќе се договорат да излезат со сосема ново законско решение за државјанствата.
Разврска се чека по средбата најавена за во петок помеѓу премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и лидерите на АА-А Зијадин Села и Африм Гаши.
Деблокадата на Собранието ќе следи по тет-а-тет средбата меѓу Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и потоа по средбата на Заев со Села и Гаши.