Над 50 сработени проекти, кои како што истакна градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, на директен начин ја подобриле функционалноста, транспарентноста и имиџот на оваа општина е резултатот од првите сто дена од неговиот мандат за што тој вчера имаше отчет на кој меѓу другото најави и нов противпожарен дом во Кисела Вода кој ќе биде поблизу до централното јадро на општината, но и до Сопиште
-Одлучно и смело се зафативме со ставање ред во урбанистичкиот хаос кој се закануваше да го задуши ова место на живеење во еколошка, социјална, хумана смисла. Ова подразбираше ревизија, интензивирање на легализација на дивоградби, но и уривање онаму каде што се пронајде криминал – нагласи Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека преку првиот дел од проектот „Стоп за урбаната мафија“, од заклучените фиоки се извадени сите важечки урбанистички планови, тие се дигитализирани и ставени на увид на граѓаните.
-Стручна комисија ги презентираше првите резултати од утврдените неправилности, a во моментов на тендер бараме независна надворешна ревизорска куќа, која ќе даде свое, експертско толкување на урбанистичкото работење на претходното раководство на Општина Кисела Вода. Морам да нагласам дека во креирањето на целосната слика, но и на нашите следни чекори голема улога ќе имаат нашите жители. Им ветив и ќе исполнам дека одлуките ќе ги носат тие, а не урбаната мафија – изјави Ѓорѓиевски.
Во контекст на претходното, тој информираше и дека до Општината пристигнале над 100 пријави за нерегуларности во донесените ДУП-ови, а како интересен го наведе податокот дека граѓаните покрај забелешките давале и предлози и идејни решенија околу урбанизацијата на одредени локации во општината.
-Сево ова ќе биде разгледано и ќе се постапува согласно Законот и законските норми – дециден е Ѓорѓиевски.
Градоначалникот додаде дека е спречена и изградба на згради во зеленилото во Балаклија, но и на станбени објекти во Припор, а целосно е стопиран предложениот ДУП за Расадник, во кој беа вцртани дури 99 згради.
– Нацрт-предлогот за Меѓународниот конкурс за Расадник кој го ветив е јавно објавен на нашата веб-траница, како граѓаните би можеле да дадат свои забелешки. Со цел тој да биде стручно издржан, го доставивме и до стручната јавност- до Архитектонскиот факултет во Скопје, до Комората на овластени архитекти и инженери и до Асоцијацијата на архитекти на Македонија – нагласи Ѓорѓиевски, кој информираше дека ја добиле поддршката од трите институции за распишување на Меѓународниот конкурс за идејно урбанистичко – архитектонско решение за ДУП Расадник, како иден хуман кварт за живеење.
Освен тоа, тој наведе дека преку кампањата „Моја земја, мој дом” актуализиран е откупот на државно земјиште под легализирани објекти и дворно место, а се преземени сериозни чекори и во подобрување на комуналната инфраструктурата.
– За само 100 дена, 490 семејства добија документ за легална сопственост. Како што ветив, за една година, затворени ќе бидат сите предмети – нагласи Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека целосно се реконструирани и повеќе улици, од кои дел се во завршна фаза, почната е изградба на фекална канализација на Речиште, се градат два нови парка на местото од големите диви депонии кои интензивно се чистат, изграден е еден паркинг во Драчево, а друг се гради во Расадник, темелно се реконструирани две детски игралишта, една училишна спортска сала е реновирана, а онаа во ОУ „Невена Георгиева Дуња“, во моментот целосно се реконструира.
Според градоначалникот, посебно внимание е посветено на лицата со посебни потреби, при што се поставени пристапни рампи во објектот на општината, донирани се книги напишани со Брајово писмо за училишната библиотека на ДУРМДОВ „Димитар Влахов”, а на ООУ „Кузман Јосифовски Питу”, покрај тоа што се менува фасадата и покривот, се прави тоа да биде целосно инклузивно – со лифт, рампи, со сите архитектонски потреби кои ги имаат лицата со попреченост.