По долго боледување почина универзитетскиот професор Ѓорѓи Марјановиќ.
Марјановиќ дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1962 година. Магистрирал на постдипломските студии по казнено-правни науки на Правниот факултет во Загреб во 1968 година со тезата: “Правните последици на осудата”.
Докторирал на Правниот факултет во Скопје во 1973 година со тезата “Правната положба на осуденикот по издржаната казна”.
Целиот свој работен век, освен приправничкиот стаж (1962-1964) во Основниот суд-Скопје II, го поминал на Правниот факултет во Скопје: асистент (1965-1974); доцент (1974-1979); вонреден професор (1979-1985) и редовен професор (1985-2001).
Марјановиќ беше член на Форумот за човекови права на Македонија од неговото основање.
По воведувањето на повеќепартискиот систем тој ја основа и е избран за претседател на првата опозициона партија во Македонија – Лига за демократија. На чело на партијата е до 2006 година, кога по парламентарните избори, се повлекува од функцијата претседател.
Марјановиќ е познат и по своите колумни во „Дневник“, а по локалните избори 2005 година беше советник во Советот на град Скопје.
Од него преку социјалните мрежи се простија проф. Гордан Калајџиев и адвокатот Александар Тортевски.