Средбата помеѓу организаторите на настани и вицепремиерот Фатмир Битиќи заврши без конкретен договор.
Ивент индустијата побара неповратна финансиска помош во вид на грантови за покривање на загубите кои надминаа 60 отсто, но Владата им нуди помош од еден милион евра кој ќе покријат најмалку 40 – тина настани од јавен карактер.
-Ќе видиме дали е постигнат договор и каков договор е постигнат во моментот кога ќе ги видиме резулатите од објавениот јавен повик. Не можеме ништо да кажеме, ниту пак сакаме да обвинуваме или да прејудицираме нешто ниту имаме право ниту сакаме. Што значи ќе почекаме да видиме јавниот повик, ќе почекаме да видиме како тоа се ќе изгледа, ќе почекаме да видиме дали навистина е ова помош за нашата индустрија“, рече Маја Бабиќ, претседателка на ИВАП.
Од Владата велат и дека прифатиле дел од предлозите на Асоцијацијата со тоа што, компаниите со поголема загуба ќе добијат повеќе бодови при оценувањето, а ќе можат да аплицираат сите компании со пад на приход поголем од 30%, а дополнително ги објаснуваат и другите предлози.
-Еден подизведувач нема да може да се најде на повеќе од 7 пријави за предлог-проекти, со цел да се оневозможи монополизација во делот на подизведувачите, спортските настани посветени на „30 години независност” ќе бидат додадени како тип на настани за кои може да се аплицира, ќе се обезбеди авансно плаќање од 30% + 40% пред реализација на настанот, со препорака истото сразмерно да биде распоредено и кај носителите на проектите и кај подизведувачите, за да помогне во ликвидноста на компаниите, една од областите кои ќе се оценуваат, а се однесува на капацитетот на апликантот за организација на настан, да биде број на вработени или број на хонорарно ангажирани лица, за зголемена конкурентност на компаниите, соопштуваат од Владата.