Лавина реакции се појавија откако пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска се пофали дека иако е позитивна на корона ќе дојде во Собрание да ги гласа законите граѓаните.
Дел од пратениците во Собранието реагираа дека со тоа не само што се загрозува јавното здравје и здравјето на сите вработени во Собранието, туку се прави и кривично дело за кое се одговара според закон.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски посочи дека таков протокол не постои и дека тоа значи дека ќе го пратениците ќе го прекршат законот и ќе го загрозат јавното здравје.
-Законите важат за сите граѓани, и за пратениците. Ако се дрзнат да го загрозат здравјето, ќе ги прекршат законите. Како после ќе бараме од граѓаните да ги почитуваат законите? Ги замолувам да не прават театар, рече Мицевски од прес салата во Собранието.
Доколку тоа го стори обичен граѓани следуваат казни од неколку илјади евра. Позитивен од корона може да се движи само со дозвола од полицијата и тоа исклучиво на лекар или во аптека. Присуство во Собрание не стои во законот.
Физичките и правните лица што не ги почитуваат и што ги прекршуваат препораките на Владата за заштита од коронавирусот ќе бидат казнети во согласност со членовите 205 и 206 од Кривичниот законик.
-(1) Тој што за време на епидемија на некоја опасна заразна болест не постапи според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзиното сузбивање или спречување, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година, стои во членот 206.
Членот 205 пак вели дека:
-(1) Тој што со кршење на прописи или наредби со кои надлежен орган определува прегледи, дезинфекција, издвојување на болни или некои други мерки за сузбивање или спречување на заразни болести кај луѓето или со вработување или држење на лице кое боледува од заразна болест со вршење на полово дејствие или на друг начин, предизвика пренесување на заразна болест, ќе се казни со парична казна или со затвор до три годинa, стои во членот 205.
Се работи за двајца пратеници кои се уште се во изолација и кои со посебни возила, со претходен преглед и со дозвола од инфектолог се дојдени во Собранието и во посебни простории ќе гласаат за да има кворум, соопшти денеска координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.
Една пратеничка денеска веќе излегла од изолација и таа ќе биде на 32-та седница, како и пратеник кој е со скршеница.
-Се е согласно со законите за сите граѓани, според протокол како и за сите позитивни на коронавирусот. Ќе има посебен пат по кој ќе влезат и посебни кабини каде ќе бидат за време на седницата, кои потоа ќе бидат дезинфицирани, рече Митрески, непосредно пред закажаниот почеток на седницата, за која мнозинството не може да обезбеди кворум без пратениците кои се во изолација, а опозицијата не сака да влезе и да учествува.