Одлуката на Вселенската Патријаршија за признавање на Охридската Архиепископија за канонска е една од најсветлите одлуки важна за нашата Света Македонска Православна Црква и македонскиот идентитет, напиша на Фејсбук претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Оттука, дотолку повеќе е нејзиното значење, што одлуката доаѓа по повеќедецениското и повеќестрано негирање на македонскиот национален идентитет, меѓу кој е токму и улогата на нашата црква која несомнено по оваа одлука станува дел од големото семејство на православни заедници, независна и рамноправна на другите. Сакам да честитам на истрајноста, мудроста и упорноста на поглаварот на МПЦ-ОА г.г Стефан, како и сите останати владици и членови на Светиот Синод на нашата црква, на тој начин успевајќи да обезбеди континуитет на православниот идентитет како важен супстрат на идентитетот на македонскиот народ. Со оваа одлука се потврдува вековниот идентитет на македонскиот народ различен од останатите балкански народи. Како претседател на ВМРО-ДПМНЕ чиј вековен сон и идеал е борбата за Македонија, но и човек припадник на МПЦ-ОА, ќе напишам само ДОСТОЕН! Истакна Мицкоски.