– Обвинетата В.И., како одговорно лице – управител на ТД МЕТРОПОЛИТЕН ДОО Скопје, искористувајќи ги овластувањата, во 2013 година со намера за себе да прибави противправна имотна корист, искористила прилика како трговско друштво да учествува во постапка организирана од Министерството за здравство за добивање на лиценца за извршување здравствена услуга – дијализа. Целта на обвинетата не било да извршува здравствена дејност – дијализа, туку со здобивање на лиценца од 20 години, а со тоа и монополска положба на пазарот на овој вид здравствени услуги, да обезбеди повеќекратно зголемување на вредноста на уделот во правното лице, информираат од Обвинителство.
Од таму додават дека откако ја основала приватна здравствена установа Диамед, каде основач е ТД МЕТРОПОЛИТЕН ДОО Скопје, на 14.02.2014 година со Министерството за здравство склучила Договор за лиценца за вршење на здравствена дејност во мрежа – дијализа, обезбедувајќи пазар на јавна услуга за дијализа во РСМ во траење од 20 години со загарантирано навремено плаќање на извршените услуги.
Оваа околност, според Обвинителството, на обвинетата и овозможила да постигне значително повисока цена за уделите на трговското друштво од запишаната вредност на уделот кој тогаш изнесувал 231.000,00 денари. По склучувањето на договорот во текот на 2015 година, обвинетата со цел да го продаде јавниот монопол во здравството, започнала преговори со странско правно лице шведската компанија Дијаверум Шведска АВ за продажба на удели во ТД МЕТРОПОЛИТЕН ДОО Скопје.