Доктор Даниловски го пренесуваме во целост.
-Ајде да расчистиме уште една дилема! Алкохол пред и после вакцина – да или не?
Во Обединетото Кралство, неодамна, експертите ги советуваа луѓето да избегнуваат пиење алкохол неколку дена пред и по примање на вакцината против КОВИД-19 (АстраЗенека).
Наводно, за да се добие адекватен одговор на вакцината, потребно било имунолошкиот систем да функционира беспрекорно, па ако се пие алкохол, тоа можело да ги искомпромитира работите.
Исто така, во Русија осамна изјава на официјален здравствен претставник, според која оние кои ја примиле вакцината Спутник В требало да се воздржат од алкохол два месеци.
Подоцна, човекот што ја има развиено вакцината, Александар Гинтсбург, има твитнато дека овој совет е премногу екстремен и советува воздржување од алкохол само три дена по примање на секоја доза на било која вакцина.
Науката вели: Не постојат докази дека алкохолот во умерени количини го намалува формирањето на антитела!
Меѓутоа, пиењето алкохол во деновите по вакцинирањето треба да се посматра од друг агол.
Некои луѓе неизбежно ќе доживеат несакани ефекти слични на грип, покачена температура, замор и главоболка. Ако бидат во алкохолизирана состојба или мамурни, тоа ќе придонесе тие ефекти да бидат помалку пријатни.
Исто така, симптомите на мамурлак може погрешно да се припишат на вакцината.
Ако сепак сакаме да го прославиме примањето на вакцината (по можност дома), да останеме во рамките на препорачаните упатства за безбедно конзумирање алкохол – два пијалаци за мажи и еден за жени.На здравје!, објаснува епидемиологот.