Според прогнозите на градежниците, цените на становите се очекува да растат, но се уште не може да се каже со колкаво темпо.
-Наша констатација и очекување во моментов е дека со покачување на минималната плата и најавените уште поголеми поскапувања на репроматеријалите, цените на становите ќе растат. Дополнително, граѓаните увидоа дека во време на пандемија е најдобро да вложуваат во недвижнини. Сепак, не би можел да кажам за колку ќе се покачуваат цените со оглед дека сме во најтешкиот момент за градежништвото и не знаеме колку тоа ќе трае, рече денеска на прес-конференција претседателот на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија, Андреа Серафимовски.
Тој додаде дека голем фактор при креирањето на цените на становите во иднина ќе биде застојот со мораториумите.
-Колку се поголеми застоите во градбата, толку повисока цена на становите треба да очекуваме. Сведоци сме дека по четири-пет години нема конкретни резултати од ревизиите на ДУП-овите и нема конкретни благодети од мораториумите. Единствено што имаме е желба да не се гради. Затоа ги повикуваме државните институции да ги почитуваат законите и правото на сопственост на имот. Градежништвото изгуби огромен капитал неградејќи, рече Серафимовски.
Во однос на состојбата во градежништвото и најновите барања, претседателот на Здружението посочи дека бројките во јануари 2021 година се поразителни. Секторот остварил реален годишен пад од 16,6 отсто што е резултат на намалувањето на извршените градежни работи кај високоградбата од 18,2 процента и кај нискоградбата од 14,9 отсто.
Градежништвто лани, напомена Серафимовски, не отпушти вработени, успеа со свои сили да ги издржи сите притисоци. Но, плановите и очекувањата на компаниите не се исполнија. Веќе постои несигурност и страв дека секторот може да се соочи со згаснување на одредени капацитети во некои потсектори.
-Досега не се преземени конкретни мерки за економска поддршка на градежните компании кои имаа можност да ги користат само општите мерки за поддршка на стопанството. Дополнително, одредени јавни политики и случувањата во индустријата на градежни материјали влеваат неизвесност и страв дека градежништвото не само што нема да биде двигател на растот, туку може да се соочи и со згаснување на градежните капацитети, рече Серафимовски.
Анализите на Здружението покажуваат дека поскапувањата се движат до 80 отсто за челикот (бетонско железо и арматура до 30 проценти), до 25 отсто за дрвото, до 20 отсто за производи од битумен и масла, до 30 отсто за производи од сувата градба, до 50 отсто за синтетички цевки, плочи, фолии, геомрежи и геотекстил ПВЦ, ПЕ, ПП (стиропорот до 38 проценти) и до 30 проценти за заштитни премази, течна хидроизолација, епоксидни и полиуретански смоли. Кај последните две групи производи се најавени и задоцнувања на испораките, а има и откажувања на нарачките.
-Апелираме до Министерството за транспорт и врски да ги поддржи нашите барања и заложби. Веруваме дека ќе имаме поткрепа во оваа наша борба со што би се заштитиле над 55.000 вработени, над 5.000 компании би се одржале во форма и нема да има пречка во реализација на капиталните инвестиции, порача претседателот на Здружението, Андреа Серафимовски.
Бројот на активни градежни деловни субјекти лани изнесувал 5.263 или 7,2 отсто од вкупниот број активни деловни субјекти во државата што е речиси исто ниво како во 2019 година. Најголем дел од нив, 4.395 или 83,5 проценти се компании со 1 – 9 вработени. Само 8 компании или 0,15 отсто имаат повеќе од 250 вработени. Бројот на вработени изнесува 55.165 лица или 6,9 проценти од вкупниот број вработени на ниво на државата што е пад од 1,6 оттсо во споредба со 2019 година.