Во саботата доцна навечер, практично в неделата наутро стигна нова количина од 20 000 вакцини „Спутник“ од кои 7000 ќе бидат наменети за ревакцинација на вработените во критичната инфраструктура, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Посочи дека денеска стигнуваат и 10 000 вакцини од „Фајзер“ преку директен договор и потенцира дека го добиле распоредот за тоа како секој понеделник ќе стигнуваат меѓу 4000 до 7000 вакцини, односно вкупно 26 000.
– Треба да стигне и одредена количина преку системот на солидарност од ЕУ преку Австрија. Сето тоа влегува во нашиот распоред како ќе се распределуваат вакцините. Има неколку пункта во државата, освен во Скопје, каде има фрижидери за вакцината на „Фајзер“ и тие се распределуваат и кон околните центри на тој начин што здравствените домови согласно бројот на закажани граѓани секое утро подигнуваат одредена количина од вакциналните пунктови во Куманово, Штип, Битола, Охрид, Тетово и во Кавадарди и така се прави распоредот и регионално, рече Филипче и додаде дека тоа се местата каде што завршува процесот на опремување на салите во рамките на училиштата.
Тој нагласи дека веќе е завршено опремувањето на салите во Охрид и во Штип, денеска ќе заврши во Битола, а останатите три ќе бидат до крајот на неделата, за да ги сместат и практично ги лоцираат вакцините кои треба да дојдат од Кина, вкупно 200 000.
– Според информациите од изутрината, тие околу 28 април треба да се подигнат од Пекинг, на 30 април преку Истанбул да стигнат во Белград, а после тоа со специјален ланец на камиони да стигнат во Скопје и ќе бидат сместени во ладната соба во Поликлиниката „Јане Сандански“, рече Филипче