Во 820 основни и средни училишта во Србија денес нема настава ниту во прва, ниту во втора смена бидејќи просветните работници од тие училишта протестираат поради зачестеното насилство во училиштата.
Во 47 градови и општини во Србија наставниците протестираат на плоштадите, со едно барање – во училиштата да се запре секој вид насилство.
Протестот е организиран од Унијата на синдикатот на просветните работници во Србија, како репрезентативен синдикат во образованието, кој брои околу 30.000 членови низ земјата.
Денешниот протест има само едно барање, а тоа е итно да почнат преговори за добивање статус на службено лице за вработените во образованието.
Просветните работници одредија и рок, преговорите да почнат најдоцна до 15 декември. Повод за протестот е зачестеното насилство во училиштата, кое кулминираше со неодамнешниот случај во Техничкото училиште во Трстеник, кога над професорка беше извршено психичко, физичко и дигитално насилство од страна на тројца ученици.
„Во училиштата постои општа тепачка, се тепаат ученици со ученици, ученици со наставници, наставници со ученици, наставници со родители. Со еден збор, владее хаос и дојдовме до таму каде веќе немаме каде да одиме. Поради тоа ова е моментот целото општество да сфати дека мора итно да реагираме и да одлучиме какво образование и каква иднина сакаме да имаме за децата“, порача Јасна Јанковиќ, претседателка на Синдикатот, пренесе Нова.рс.