Мандатарот за состав на новата косовска Влада, Албин Курти чија партија победи на неодамнешните парламентарни избори, вчера упати повик до Албанците од Македонија кои се во странство да се самопопишат.
Тој во обраќање преку социјалните мрежи ги повика сите македонски државјани кои се Албанци по националност да се самопопишат, а доколку имаат проблеми со апликацијата најави формирање на центри за помош во дијаспората.
Тој објави видео на Фејсбук во кое ја повикува албанската дијаспора од Македонија да се регистрира на пописот и објави линк до веб страницата на Државниот завод за статистика.
Курти вели дека во согласност со македонскиот Устав, политичките права во земјата ги диктираат бројките и затоа регистрацијата на пописот е исклучително важна.
Во изминатиот период наголемо се полемизира за процентот на Албанското население во Македонија.
Следствено на тоа, се отвора прашањето оди ли Груби во Косово за да донесе поголем број на попишани лица во Македонија со албанска националност, со што би се исполниле предвидувањата за договорот помеѓу Заев и Ахмети за да се зголеми бројот на Албанци за близу 70 илјади.
Во една прилика пратеникот од редовите на ДУИ, Арбер Адеми изјави дека доколку на пописот излезе дека Албанците се помалку од 20 отсто, тогаш нема да ги признае резултатите.
Ќе оди ли Груби во Косово за да ја исполни желбата на неговите сопартијци во обид да ја исполни однапред договорената бројка помеѓу Заев и Ахмети? Зошто првиот вицепремиер се консултира со косовските власти за домашна операција која се однесува на Македонија?
Коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива кон крајот на минатата година поднесе предлог за измена на Законот за државјанство, според кој, со изјави од тројца сведоци ќе можат државјанство да добијат лицата кои се родени или живеат во Македонија пред 8 септември 1991 година. Двете партии појаснија дека причината за поднесениот законски предлог не е претстојниот Попис, туку обесправеноста на луѓето кои живеат без документи за живеалиште.
Според некои проценки, станува збор за политички обид да се зголеми бројот на Албанци за близу 70 илјади лица.
Националниот блок „Не отворам врата“ ги повика граѓаните да не ги пуштаат попишувачите дома, бидејќи сметаат дека пописот ќе биде фалсификуван и е веќе договорен меѓу Заев и Ахмети.
Од друга страна, вицепремиерот, Артан Груби, на Фејсбук ги повика иселениците Албанци да се мобилизираат и да се самопопишат во што поголем број.