Франција и Германија ќе ја поддржат Украина во борбата против руската агресија „непоколебливо и онолку долго колку што е потребно“, ветија денеска германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон.
– Ќе продолжиме да ѝ ја даваме на Украина сета неопходна поддршка, колку и да е потребно. Заедно, како Европејци, да го браниме европскиот мировен проект, рече Шолц на церемонијата во Сорбона по повод 60-годишнината од договорот за помирување меѓу Германија и Франција.
Емануел Макрон потврди дека постои „непоколеблива поддршка“ од двете земји за украинскиот народ „на сите фронтови“.
– По 24 февруари нашата унија не се подели ниту ги избегна своите одговорности – рече Макрон.
Целта на церемонијата во Сорбона е да се укаже на повторно откриеното единство меѓу двете земји чии односи се ослабени во последните месеци поради последиците од војната во Украина.
„Датумот на состанокот е многу симболичен: 60 години откако Шарл де Гол и Конрад Аденауер го потпишаа Елисејскиот договор, „фундаментален чин на помирување меѓу двете земји кои беа најжестоките непријатели, но одлучија да бидат најблиски сојузници“, рече Макрон.