Се сомнева дека кинески шпионски балон лета на Соединетите Американски Држави веќе неколку дена, а американски функционери го советувале претседателот Џо Бајден да не го соборува поради стравувањето дека остатоците би можеле да претставуваат безбедносна закана. „Јасно е дека целта на овој балон е надзор“, им кажа на новинарите доцна синоќа висок функционер на американската одбрана.
Пентагон го следи балонот неколку дена на неговиот пат над северот на САД, кажа портпарол на Пентагон, бригадниот генерал Патрик Рајдер. „Примери за вакви активности се забележани во изминатите години, вклучувајќи го и времето на претходната администрација“, кажа тој.
Балонот, како што наведуваат властите, ги прелетал Алјаска и Канада пред во средата да се појави над градот Билингс во сојузната држава Монтана. Токму во таа ретко населена американска држава се наоѓа еден од трите комплекси американски подземни силоси за интерконтиненталните балистички ракети „минутмен 3“, што според американските власти е мета на кинеско шпионирање.
Меѓу Кина и САД, двете најголеми светски економии, во последно време растат тензиите околу Тајван и американското воено присуство во Јужното Кинеско Море. Вашингтон го следи балонот откако влегол во американскиот воздушен простор пред неколку дена, што вклучува и американски воени авиони со екипаж.
Властите одбиле да кажат колку високо лета балонот, но признаа дека дејствува над воздушниот сообраќај и под „вселената“. Високи воени функционери размислувале за негово соборување над Монтана, но на крајот препорачале тоа да не се прави поради безбедносен ризик од остатоците.
На брифингот за новинари во Пентагон, функционерите одбија да ја откријат моменталната локација на балонот, како и да дадат повеќе детали за него, вклучувајќи ја неговата големина. „Добивме извештаи од пилотите кои го виделе иако се наоѓа високо. Прилично е голем“, кажа портпаролот на Пентагон.
Американските власти им го изнеле ова прашање на своите кинески колеги. „Им укажавме на сериозноста која за нас ја има ова прашање“, кажа еден функционер. Шпионски балони над САД летале неколку пати во последните години, но изгледа овој балон се задржал подолго отколку во претходните случаи.
„Во моментов проценуваме дали тој балон има само ограничена вредност од аспект на собирање разузнавачки податоци, но и покрај тоа преземаме чекори за заштита од собирање чувствителни податоци од странските разузнавачки служби“, кажа функционерот на Пентагон.