Илјадници поддржувачи на албанската политичка опозиција излегоа на демонстрации против владата барајќи оставка на премиерот Еди Рама поради обвиненијата за наводна корупција и лошо управување со економијата на државата.
Поранешниот претседател и премиер на Албанија кој ја предводи Демократската партија од десниот центар Саљи Бериша и поранешниот претседател Иљир Мета на чело на левичарската Партија на слободата беа меѓу демонстрантите кои се собраа пред зградата на владата.
„Дојде време оваа револуција да ги извлече корумпираните пари и да ги претвори во поголеми плати и пензии“, кажа Бериша.
Учесниците во протестот фрлаа димни бомби на главниот влез во зградата на владата, каде полицијата постави барикади за да ги спречи да влезат.
Критичарите го обвинуваат Рама за корупција и го сметаат одговорен за тоа што младите Албанци заминуваат од државата за да работат во западноевропските земји.
Опозицијата го обвинува Рама и дека го корумпирал поранешниот висок функционер на американското Федерално истражно биро (ФБИ) Чарлс Мекгонагал, кој во САД е обвинет дека од ФБИ криел клучни детали за патувањето во Албанија во 2017 година, каде добил најмалку 225.000 долари.
Бериша повика на нов протест пред парламентот во понеделник.