Струен удар причина за згаснување на животото на 14 годишното девојче. Општина Илинден обвиена во тага и жалост. На кобната вечер, девојчето не била сама, на пругите покрај вагоните заедно била со уште двајца малолетници.
Девојчето одлучило да се качи над вагонот, засега не се знае кој бил мотивот и што сакале тројцата малолетници да постигнат, шпекулациите се дека веројатно посакале да снимат или фотографираат за своите профили на социјални мрежи.
Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, доцна вечерта, за ТВ24 изрази длабоко сочуство до семејството на настраданото дете.
„Во Илинден се случи страшна трагедија каде едно малолетно лице го загуби животот. Според информациите што ги добив од МВР и ПП бригада, до трагедијата дошло откако група малолетници самоиницијативно, најверојатно од забава и несвесно се качувале на паркиран вагон во близина на ЖСТ Илинден и при тоа дошло до струен удар од високиот напон каде на лице место животот го загуби малолетно девојче. Во овој момент можам само да изразам жалење за целиот настан и воедно да изразам длабоко сочуство до семејството на настраданото дете. – вели за ТВ 24 градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Ѕвонко Томески раскажува дека не постојат зборови со кои може да се објасни трагедијата на пронајденото тело на девојчето. Пожарникарите биле тие кои по дојава излегле на терен, го пронашле телото и го спуштиле од вагонот.
Фаталниот настан во кој животото го загуби малолетното девојче бил пријавен во МВР кои постапиле веднаш по пријавата. Од МВР апелираат до родителите да внимаваат на своте деца
Од ОЈО информираат дека според нивните првични сознанија, девојчето починало како последица на струен удар и дека несреќата се случила кога девојчето со уште две други деца си играло околу паркираните вагони, при што во еден момент се качило на еден од вагоните и се допрело до жиците за струја под висок напон.