Пратеничката Ане Лашкоска денеска изјави дека причината за предложени измени е недоследност во примената и извршувањето на постојниот Закон и поради допрецизирање на третманот на неферментираниот тутун. Посочи дека целта на Предлог-законот кој ќе го поднесат е да се надминат проблемите и да се обезбеди правна сигурност при откуп на тутунот и покрај поднесен приговор и да се допрецизира третманот на неферментираниот тутун.
– Имено, за увезениот необработен тутун, увозникот ги избегнал сите споменати обврски во Глава II, III I IV од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи и не гарантира за потеклото, безбедноста и контролата на производот, што е спротивно на Европската Регулатива 40/2014 како и Рамковната конвенција за контрола на тутунот на СЗО која ја имаме Ратификувано во 2006 година. Должни сме да ги почитуваме одредбите на истата, потсетувајќи на член 15 од Рамковната конвенција за контрола на тутунот од СЗО, потписниците се обврзани за елиминирање на сите форми на недозволена трговија со тутун и тутунски производи, вклучувајќи криумчарење и нелегалното производство, што е суштинска компонента на контролата на тутунот, рече Лашкоска.
Додаде дека обврска е да се почитува важноста на меѓународните акти, посочувајќи ги конвенциите на Обединетите нации против транснационалниот организиран криминал, против корупцијата и против недозволената трговија со наркотични дроги и психотропни супстанции.
Според Лашкоска, со нивниот предлог ќе се создадат услови за целосно и подобро спроведување на Законот, и ги повика пратениците од парламентарното мнозинство да го поддржат за, како што рече, да се решат проблемите со кои се соочуваат тутунопроизводителите.