Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, денеска во судница даваше одбрана во случајот „Софтвери“. Тој тврдеше дека не е точно оти ја фаворизирал „Инвока груп“ да го добие тендерот, објави Макфакс.
Рашковски објасни дека со техничките спецификации што се барале во тендерот не се фаворизирал никој бидејќи таа била направена така што „немате некои посебни ограничувања и не треба да се има какви било познавања за да се направи“.
„Да му кажеме на Илон Маск: напиши ни техничка спецификација за софтвер за определување просечна брзина, ќе ни ја напише истата, сето ова што јас сум го напишал. Не е направено да ограничува ниту со техника, ниту со технологија, ниту со програмски јазик или што било“, рече Рашковски.
Тој додаде дека иновативноста на неговото барање за патент е полициско возило да може да се движи и да забележи предметно возило на една локација, а потоа на истото тоа возило ако биде регистрирано од друго полициско возило на друга локација, врз основа на тоа да му се одреди просечна брзина на движење. За функционалноста на софтверот, Рашковски рече дека првото тестирање е направено кон средината на 2020 година, а потоа е тестиран по примопредавањето. Како што истакна, предлогот до Владата бил софтверот да биде ставен на камерите на „Сејв сити“ и да заживее, но до тоа не дошло.
Тој ги негира вештачењата на Обвинителството дека софтверот бил нефункционален бидејќи, како што рече, тој бил тестиран на „Партизанска“ во Скопје, каде што се случуваат најмногу сообраќајни несртеќи во државата.