Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска заедно со потпретседателот на партијата Тимчо Муцунски остварија средба со специјалниот пратеник на Романија за Западен Балкан, Андриан Давидоју, се вели во партиското соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ
На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба, евроинтегративниот процес, како и поголема посветеност на Македонија кон безбедносни предизвици како земја членка на НАТО Алијансата, информираат од опозициската партија.
Мицкоски на средбата нагласил дека Македонија ја има најкорумпираната влада, информирајќи дека доказ за тоа се секојдневните афери и криминал во кои директни учесници се високите владини функционери и претставници од СДС и ДУИ, додека граѓаните живеат во сиромаштија, владините претставници ги полнат своите џебови со државни пари.
Во однос на безбедносните предизвици, Мицкоски истакнал дека безбедноста на граѓаните и државата е загрозена, а владата многу неуспешно и ненавремено реагира, додавајќи дека институциите мора да се посветени на безбедноста, мирот и стабилноста на државата и граѓаните.
Воедно, Мицкоски посочил дека владата се обидува уставните измени да ги протне на сила, и целиот тој процес според него е нелегитимен, бидејќи владата нема мандат и поддршка од страна на граѓаните. Според Мицкоски, Македонија мора час поскоро да ги започне преговорите со Европската унија, но истите да се базирани единствено врз основа на европски критериуми и вредности.
Токму поради ова, како и криминалот и корупцијата, катастрофалната економска состојба, Мицкоски укажал дека е потребно одржување на брзи предвремени парламентарни избори.
На крајот на средбата, соговорниците се согласијле дека соработката треба да продолжи да се развива.