Министерот за надворешни работи Бујар Османи испрати честитки за Финска и сите НАТО сојузници.

„Со вчерашната Ратификација на Протоколот за членство на Финска во Алијансата од страна на Парламентот на Турција се заокружи целиот процес на Ратификација со што Финска станува 31. земја – членка на НАТО. Во денешната сложена безбедносна архитектура на Континентот ова претставува еден од најзначајните чекори за единството на сојузниците, и за зајакнување на трансатлантската стабилност“, пишува Османи на Фејсбук.

Тој додава „Очекуваме наскоро и апликацијата на Шведска да го заокружи овој процес, со што целосно ќе се заокружи источното крило на Алијансата по целата оска север – југ. Република Северна Македонија останува силен поддржувачи на политиката на Отворени врати на НАТО како една од најуспешните политики на Алијансата и значаен влог во создавањето на новата безбедносна архитектура на Европа“.