Ученикот од седмо одделение на ОУ „Владислав Рибникар“, кој утринава застрела осум ученици како и обезбедувањето, не одговара кривично. Ова го соопшти Вишото јавно обвинителство во Белград.

Согласно Законот за малолетни сторители и казненоправна заштита на малолетни лица, К.К. е кривично неодговорен, бидејќи не наполнил 14 години, се вели во соопштението на тоа обвинителство.

По наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, таткото на ова момче В.К. (48) му е одредена мерка притвор до 48 часа поради сомнение дека сторил кривично дело Тешки дела против општото обезбедување.

Претходно, увид на лице место извршија дежурни заменици јавни обвинители на Одделот за општ криминал и Одделот за малолетници на Вишото јавно обвинителство Белград, кои наредиле во присуство на вработени во Центарот за Социјална работа, од К.К. да земе изјава и да изврши лекарски преглед, по што Центарот ќе одлучи какви дополнителни мерки ќе преземе во негова надлежност.

Наредено е и да се земе крв од К.К за токсиколошка анализа, за да се утврди дали во моментот на извршување на кривичното дело бил под дејство на алкохол, наркотици или други психоактивни супстанци. Се истражуваат сите околности на овој случај, како дошол до пиштолот, како и мотивите на ова грозоморно злосторство, се вели во соопштението.

Вишиот јавен обвинител во Белград, Ненад Стефановиќ, во свое име и во име на целиот тим на ВЈТ изрази искрено сочувство до семејствата на децата и училишните работници.

Уапсена е и мајката на малолетниот Коста кој утрово изврши масакар во основно училиште во белградската населба Врачар и при тоа уби 8 деца и чуварот во училиштето.