Гледаме дека власта сака да се фали со тезата дека направила добри односи и потпишала добри договори со сите соседи. Да ве потсетам дека уште пред да постои договорот за добрососедство со Бугарија, ако ги споредиме односите до 2017 и денес ќе видиме дека пред тој договор со Бугарија имавме подобри односи и во трговска и во политичка смисла и покрај спорните прашања. Но по потпишувањето на тој договор брзајќи да покажат дека се разбираат од меѓународна политика, а само покажаа сервилност во 2017 владата на ДУИ и СДС за жал создаде ситуација во која ние имаме драматично влошување на односите со Бугарија, на поголема штета на Македонија, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски на денешната трибина организирана од ВМРО-ДПМНЕ во Битола, а посветена на надворешна политика.

Милошоски истакна дека со ова освен економските и политички параметри, штетата кон Македонија го засега и нашиот идентитет, нашата историја и самобитност.

– Втората работа која оваа власт се обидува да ја претстави е дека сите постапки кои ги влечат и се нарекуваат европски фронт, се е во насока на подобрување на стандардите во однос на ЕУ. Но еве да видиме еден актуелен договор кој секојдневно се дебатира, а тоа е тој кој Артан груби, Ковачевски и Бочварски го потпишаа со Бехтел за дел од коридорите. Овој договор во себе содржи клаузули кои се спротивни на спогодбата за стабилизација и асоцијација, која е важечка обврска за Македонија кон ЕУ, рече Милошоски.

Тој посочи дека тоа добро го знаат затоа што во спогодбата во поглавје 6 има одредби кои се однесуваат на еднаквост на фирмите, конкурентност и транспарентност при јавни набавки и склучување на јавни договори без фаворизирање.

– Затоа власта го чува овој договор во тајност, самите комесари во Брисел ќе видат дека презеле обврски спротивни на обврските преземени кон договорот за стабилизација и асоцијација. Оваа влада доколку продолжи да се однесува на ваков начин ставајќи ја корупцијата во преден интерес не би изненадило да се зголеми ризикот и во иднина да добиеме блокада од земји како Холандија или Данска токму заради прекршување на одредбите од спогодбата за стабилизација и асоцијација. Власта само ги нарушува стандардите и имиџот на Македонија во ЕУ. Сметаат дека со сервилност ќе направат големо дело и дека добиваат аплауз на денот, но доколку се сервилни и потпишуваат секакви договори и барања, тие не само што не прават услуга и ги погазуваат европските вредности туку и ја доведуваат државата во потчинета ситуација и ја покануваат следната уцена, нагласи Милошоски.

Тој додаде дека исто така за жал може да се констатира дека наместо европеизација на МНР се случува дуизација.

– Не знаеме дали министерот ги застапува интересите на Македонија или помирувањето на фракциите во Чаир, изјави Милошоски.

Милошоски потенцираше дека клучните документи кои Македонија ги има потпишани со ЕУ се потпишани во времето на ВМРО-ДПМНЕ.

– Спогодбата за стабилизација и асоцијација исто така првата препорака која ја добивме од ЕК дека како земја сме подготвени да отвориме преговори за членство во 2009 година се случи во време на влада на ВМРО-ДПМНЕ, како и визната либерализација. Затоа влогот на ВМРО-ДПМНЕ со ЕУ е многу голем и ќе продолжиме во таа насока по формирање на идната влада по следните избори, изјави Милошоски.