И после седум години сè уште не се знае кога пациентите од источниот регион ќе го добијат долгоочекуваниот и долгонајавуваниот Клинички центар во Штип, пренесе ТВ24.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити вели дека финансии има, но изградбата на новата болница во Штип заглавила од пред тој да стане министер, па пациентите се приморани и понатаму да се лекуваат во сегашниот објект, во услови во кои и самиот министер не би се лекувал.
Изградбата на новиот Клинички центар во Штип заглави, но во меѓувреме штипската болница и понатаму кубури со кадар. Откако во февруари годинава директорот Ален Ѓеорѓијев побара вработување на околу 50 лица, меѓу кои и 15 лекари, истиот сè уште чека позитивен одговор од страна на Mинистерството за финансии.
Станува збор за вработувања на доктори, медицински сестри и секаков вид персонал, кој недостасува на речиси сите одделенија во Клиничката болница во Штип, но кадар недостига најмногу во Одделот за анестезиологија, на ортопедија, Одделот за очни болести, како и на инфективното одделение.