„Не постои никаков сомнеж во тоа дали УКИМ е најдобар универзитет во Македонија, бидејќи располага со најдобар, најискусен и најафирмиран наставно- научен кадар и се уште располага со најразвиена научно истражувачка инфраструктура. Ова се должи на убедливо најголемиот број меѓународни научно истражувачки проекти кои се реализираат на УКИМ. Сепак и понатаму мораме да работиме на тоа УКИМ да го одржи овој епитет на најдобар универзитет во Македонијаи да го издигнеме на ниво на кое ќе се споредува со универзитети од регионот“, вели професор д-р Димитар Ташковски, актуелен кандидат за ректор во интервју за интернет порталот „Прес24.мк“.

Според него, УКИМ како најстар универзитет е столбот на високото образование и наука од основање на македонската држава до денес. „По неговото основање во 1949 година, УКИМ имаше пресудна улога во формирање на професионален кадар кој ја градеше државата во сите нејзини сегменти, од производни капацитети, фабрики, инфраструктура, преку формирање на државните институции, па сè до изградбата на заокружен општествен систем. Од осамостојувањето до денес, УКИМ продолжи да го развива својот високо образовен и научен потенцијал, но сепак темпото на овој развој е недоволен за следење на современите трендови во регионот и во европскиот високообразовен простор“, додава Ташквски.

Тој објаснува дека во последните 15 години „УКИМ работеше во исклучително тешки услови, при што денес може да процениме дека е во режим на преживување во однос на финансирањето од државата. Меѓу најважните проблеми околу финансирањето е отсуството на државна поддршка на научните истражувања на универзитетот. Истите се практично занемарливи и ја обесхрабруваат научната дејност на универзитетот, што директно се пресликува на позицијата на УКИМ на меѓународните универзитетски рангирања. Позицијата на универзитетски професор на УКИМ во општеството и нивниот социјален статус се постојано и систематски девалвирани. Личните примања на професорите и асистентите исплатени од државата се недостоинствени“.