Училишните часови продолжија во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград , но тагата и шокот од трагедијата за прераната загуба на невините животи покажуваат дека состојбата уште долго време нема да се врати во нормала.
Местото на трагедијата во белградски Врачар, денеска го посети претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи кој положи цвеќе во чест на жртвите. Османи е првиот политичар од Северна Македонија кој беше на местото на несреќата што се случи на 3-ти мај.
Османи на својот Фејсбук профил изрази почит кон невините жртви од застрашувачкото пукање и искрено сочувство кон семејствата и пријателите на загинатите, но и кон целиот српски народ.
„Соочени со оваа незамислива трагедија, од клучно значење е да се здружиме во споделувањето на загубата и болката и да дадеме поддршка на најпогодените. Само така ќе потврдиме дека сме подготвени да спречиме вакви ужасни инциденти да се случат во иднина“, напиша Османи на Фејсбук.
Тагата на најблиските е неизмерна и ненадоместлива, напиша Османи, и додаде дека ОБСЕ ја споделува нивната болка и дава целосна поддршка за надминување на ситуацијата.
„Споменот за жртвите нека биде поттик за сите нас напорно да работиме за побезбедна иднина, каде што училиштата се симбол на знаење и пријателство“, напиша Османи.