Тетовскиот универзитет го поништи огласот за избор на нов ректор поради законски и статутарни прекршувања. Во кусото соопштение испратено до Алсат, кој со денови известува за случајот, универзитетот наведе дека конкурсот се поништува поради валкање на институционалниот интегритет од трети лица, алудирајќи на телевизија Алсат.
„Сенатот на Универзитетот во Тетово на 29.05.2023 година одржа седница и донесе одлука за поништување на јавниот оглас за избор на ректор и донесе одлука за распишување на нов… Причините поради кои е донесена ваквата одлука се само поради тоа што постапката за избор на ректор треба да се одвива без притисоци од јавноста и трети лица со што се валка институционалниот интегритет на Универзитетот и се остава простор за тајни цели“, наведуваат од Универзитетот во Тетово.
Од универзитетот признаваат дека на новата седница на сенатот и покрај тврдењето дека имаат автономија, било одлучено новиот оглас да се придржува само до Законот за високо образование, да важат само неговите два критериум, односно кандидатите да се државјани на Македонија и да бидат редовни професори.
„Иако Сенатот има уставно, законско и статутарно право на автономија при донесување одлуки во врска со изборот на ректор, одлучено е критериумите што ќе бидат содржани во новиот јавен конкурс да бидат само оние кои се цитирани во закон“, додаваат од УТ.
АЛСАТ со денови алармираше за дискриминаторските прекршувања не само на Законот за високо образование, туку и на самиот Статут на универзитетот кој согласно Законот е изгласан во Собранието. Досегашниот конкурс бараше кандидатите да имаат 15 години работно искуство, исклучувајќи го секој кандидат со подобри вештини кој претходно ја стекнал оваа титула, како и прецизирање дека кандидатите не требало претходно да се откажат од ниту една позиција во оваа институција, што е исто така дискриминаторски.
Пред одлуката за поништување на конкурсот, АЛСАТ денеска го објави извештајот од Просветниот инспекторат, кој не само што потврди дека во постапката има прекршувања, туку утврди и дека изборот на в.д. ректорот Куштрим Ахмети, бил во спротивност со законот.
„Од документацијата што ни беше дадена на денот на увидот, не е пронајдено решение за избор на редовен професор… Ова не е во согласност со член 97, став 3 од Законот за високото образование. Исто така, констатирано е дека ниту еден од тројцата вршители на должност не започнал постапка во рок од 30 дена од нивното именување, а ниту Сенатот нема поведено постапка во рок од 30 дена. Утврдено е дека не е испочитуван член 100 став 3 и 4 од Законот за високо образование“, наведоа од Просветниот инспекторат.
И покрај ваквите законски и статутарни прекршувања, Универзитетот во Тетово се чини дека потенцира оти Алсат како „трета страна“ врши притисок со оцрнување на изборниот процес. Пред три дена упорно лажеше во своето соопштение дека процедурите се согласно законот, исто како самото именување на в.д ректорот, наводно без забелешки од просветниот инспекторат, барајќи притоа секое правно или физичко лице кој нанесува штета на нивниот процес, да се извини јавно или ќе се соочи со законот!
Ваквата незаконска постапка беше поддржана и од министерот за образование Јетон Шаќири. Тој нагласи дека дополнителните критериуми му давале квалитет на процесот. Сепак, министерот не кажа дали овие дополнителни критериуми ќе го натераат евентуално да иницира измени на Законот за високо образование, за на тој начин овој незаконски преседан да стане пример и во сите други високообразовни институции во земјава.