Амбуланта, нов Центар за болести на црн дроб беше промовиран денеска во рамки на Клиниката за гастроентерохепатологија. Министерот за здравство Фатмир Меџити, рече дека инвестициите во здравствениот систем се инвестиции во здрави идни генерации, потсетувајќи дека деновиве се промовираат нови инвестиции во повеќе јавни здравствени установи.
Меџити појасни дека станува збор за ординација за подготовка на пациенти за трансплантација, како и постоперативно следење на трансплантираните пациенти. Ординацијата е комплетно опремена со медицинска опрема и апарати, меѓу кои фиброскен и ехо апарат со еластографија, кои се особено значајни за дијагностика на карциноми и други состојби на црниот дроб.
Исто така, новата опрема опфаќа видео процесор со два колоноскопа со вештачка интелигенција и ПАКС систем за скрининг програмата за карцином на дебелото црево. Ова се инвестиции кои се значајни за сите пациенти на оваа Клиника. Воедно, со нив се овозможува навремена дијагностика на заболувањата, особено на малигните заболувања, што значи навремено излекување и спасување човечки животи, нагласи министерот.
Професор д-р Калина Гривчева Старделова, директорка на центарот, појасни дека амбулантата е составена од повеќе делови и се осврна на придобивките што со ова ги добиваат пациентите.