По критиките од холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп за корупцијата и правосудството, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за МИА открива дека Холандија ќе испрати свој експерт во работаната група која што ќе го креира патоказот за владеење на правотo.
Она што можам да ви кажам е дека ние ја поканивме Холандија да испрати – номинира свој експерт во работната група која што ќе го креира патоказот за владеење на правото и тие тоа го прифатија и веќе имаме номинација, така што очекуваме под надзор на Холандија да се направи тој патоказ за владеење на правото за да имаат тие доверба дека сме ги предвиделе вистинските чекори како Влада за наредниот период што следува до членство и да направиме суштинска промена во сите области, вели Маричиќ на прашање на МИА дали можеби Холандија би била државата која што во текот на преговорите би ставила блокада доколку нема резултати во борбата против корупцијата.
Тој додава дека со Холандија имаме непосредна, директна отворена комуникација за ова и за сите други прашања и изрази очекување во наредниот период тој дијалог да се интензивира.
Важно е не само Холандија, туку и целата Европска Унија, да биде убедена дека ние ги преземаме вистинските чекори. Борбата против корупцијата и борбата за владеење на правото е долгорочен процес и секогаш ќе имаат и Холандија и граѓаните и сите други држави членки на ЕУ во Владата да речам сојузник по ова прашање и во дневната борба против корупцијата и во дневната борба со перцепцијата, но и во долгорочните мерки и системските одлуки што треба да се носат, вели Маричиќ во интервјуто за МИА.