Во тек се проверки дали на македонскиот пазар има српски чипс во кој е откриено високо ниво на акриламид, изјави за МИА директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски. Според Бабовски, ако евентуално се потврди дека го има кај нас, производот ќе биде повлечен

Во меѓувреме, активно се следи и кога РАСФФ системот за брзо предупредување на ниво на ЕУ ќе нотира дека чипсот е забранет.

-Во РАСФФ системот за брзо предупредување на ниво на ЕУ се уште не е нотирано дека овој производ е забранет и дека треба да се повлече од пазарите, а дали е кај нас влезен или не, веќе проверуваме, истакна Бабовски.

Проверката од страна на АХВ следи откако на хрватската граница е откриено високо ниво на канцероген акриламид во прехранбен производ произведен во Србија. Високо ниво на акриламид е откриено во чипсот со вкус на пиперка произведен во Србија. Земја на апликација е Хрватска, а известувањето се однесува на Хрватска и Србија, стои на веб-страницата на европскиот систем за брзо предупредување.

Производот не влегол на хрватскиот пазар и бил безбедно уништен. Акриламид не може да се најде во свежата храна и главно се формира при преработка на храна на температури над 120 степени, како и при ниска влажност, што значи печење, пржење и други форми на подготовка. Најчесто се наоѓа во леб, помфрит, чипс, житарки за појадок, бисквити, крекери и кафе.

Ова соединение беше подетално истражено и пронајдено во одредени видови храна во 2002 година во Шведска. Оттогаш јавноста е предупредена за нејзините последици, а особено загрижува поврзаноста со некои форми на рак. Акриламидот се претвора во телото во глицидамид, кој предизвикува мутации и ја оштетува ДНК. Како што соопшти хрватската агенција за храна, се проценува дека присуството на акриламид во храната може да го зголеми ризикот од развој на рак кај сите возрасни групи.