ВМРО-ДПМНЕ бара денеска да се гласа за уставните измени, власта ќе чека мнозинство.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара од собранискиот спикер, денеска да се стави на гласање потребата од уставни измени затоа што изминаа десетте работни дена откако беше отворена постапката и завршена расправата. По координацијата со партискиот претседател, Мицкоски на Фејсбук го повтори веќе познатиот став дека уставни измени под бугарски диктат нема да има, пренесува Telma.com.mk.

БАРАМЕ ДА НЕ СЕ ОДОЛГОВЛЕКУВА ПРОЦЕДУРАТА И ДА СЕ ЗЛОУПОТРЕБУВА ПОЗИЦИЈАТА ЗА ДА СЕ ОДОЛГОВЛЕКУВА СЕДНИЦАТА ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ.ЌЕ СЕ ПОЧИТУВА ВОЛЈАТА НА ГРАЃАНИТЕ И НИВНИОТ ИНТЕРЕС ДА НЕ СЕ ПОТКЛЕКНЕ НА БАРАЊАТА ЗА ПРАВЕЊЕ НА КОМПРОМИСИ НА ШТЕТА НА ДРЖАВНИТЕ ИНТЕРЕСИ, НАПИША МИЦКОСКИ.

И поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, денеска преку писмо му порача на Џафери дека, гласањето мора да се случи најдоцна денеска, во спротивно, целата одговорност си ја префрла врз себе, прави лоша практика, се става над сите пратеници и го урива политичкиот систем.

Но, собранискиот спикер нема намера да го послуша. Од неговиот кабинет кусо одговорија дека Џафери веќе го кажал својот став за ова прашање. На последната прес конференција, тој рече дека ќе ја свика седницата кога ќе се обезбеди двотретинско мнозинство.Со истиот став е и премиерот.

И претседателот Пендаровски денеска изјави дека размислувањето на опозицијата не е стратешко, туку теснопартиско и дека не гледа како уставните измени би ја загрозиле државата.