Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот на партијата Александар Николоски и членот на ИК Антонијо Милошоски, денеска се сретнаа со специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин.
Како што соопшти Мицкоски, на средбата разговарале за актуелните политичко економски состојби во државата и реалните предизвици со кои се соочуваат граѓаните.
Истакнав дека со последните измени на кривичниот законик кој ги направи власта со европско знаменце всушност се подготвува за опозиција и директно ги амнестира своите кадри кои во ова гледаат начин да ја одбегнат правдата. Еден од најважните приоритети на идната Влада ќе биде борбата против корупција.
Разговаравме и за реалните проблеми на граѓаните како што се недостатоците во образование, немањето учебници, проблемите во економијата, високата инфлација и редица други неуспеси кои потврдуваат дека власта е далеку од споделувањето на европските вредности и цели.
Во однос на уставните измени, оваа влада нема легитимитет за таков чекор и прифаќање на бугарски диктат нема да се случи, порача Мицкоски по средбата.