Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија Петар Петковиќ за „РТС“ изјави дека иако разговорите во Брисел пропаднале, Белград може барем малку да биде задоволен, бидејќи во извештаите по средбата пишува дека Белград не е виновен, покажал конструктивност и дека одговорен е Албин Курти поради кого пропаднал дијалогот.
Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија на сите граѓани им го честита Денот на националното единство и подвлече дека овој ден има посебно значење за народот на Косово и Метохија.
– Вчера во Брисел се обидовме да го зачуваме мирот и животот на луѓето, имавме тежок ден. Во Брисел не се водат технички преговори, туку преговори во невозможни услови. Вучиќ разговара со Курти, кој одбива се – рече Петковиќ , осврнувајќи се на вчерашниот дијалог меѓу Белград и Приштина во Брисел.
Петковиќ нагласи дека шефот на европската дипломатија Жозеп Борел јасно кажал дека Курти не е подготвен да формира ЗСО.
– Белград е страна која е ориентирана кон компромис, ЕУ секогаш по дијалогот велеше дека двете страни мора да се движат кон компромис, но сега ЕУ за прв пат кажа дека Курти е тој што предизвикал неуспех на дијалогот – рече Петковиќ.
Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија изјави дека Курти вчера брутално му се заканувал на српскиот народ со зборовите дека ќе трпи и ќе плати.
– Оваа изјава е многу опасна, ја покажува вистинската природа на насилниот режим на Албин Курти – додаде Петковиќ.
Тој истакна дека Србите се уште се апсат, дека од 3 јуни до сега имало 22 ескалирачки потези на Приштина само на северот.
– Овие преговори не се завршени, ние се бориме за зачувување на мирот и стабилноста. ЕУ кажа на која страна е проблемот, колку пати сме се вратиле од Брисел и сме ја слушнале таа изјава за две две страни – потсети Петковиќ, додавајќи дека компромисот за Косово значи живот и дека мора да се почитуваат сите договори од 2013 и 2015 година.
Кога станува збор за изборите во Косово, Петковиќ вели дека иако Курти го отфрлил формирањето на ЗСО, нормализацијата и деескалацијата, Вучиќ сепак рекол дека ќе разговара со Србите за изборите.