Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун денеска со воз се врати дома по еднонеделната посета на Русија за време на која разговараше со претседателот Владимир Путин за поблиска воена и други видови соработка, објавија севернокорејските и руските медиуми.
На снимката објавена од руската државна новинска агенција РИА се гледа како Ким оди по црвениот тепих кон воз во далечниот руски град Артјом сследен од музика од воен бенд и мавта кон толпата. Артјом е 254 километри од станицата Хасан на руската граница со Северна Кореја.
Посетата на Русија на севернокорејскиот лидер, кој ретко ја напушта својата земја, означува нов врв на пријателство, солидарност и соработка во историјата на развојот на односите меѓу Северна Кореја и Русија, објави севернокорејската државна новинска агенција КЦНА.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва сака да развие рамноправна и фер соработка со Северна Кореја и покрај санкциите наметнати врз Пјонгјанг од страна на Советот за безбедност на ОН.
„Ние не воведовме санкции за Северна Кореја, Советот за безбедност го направи тоа. Затоа, контактирајте го Советот за безбедност и ќе развиеме еднаква и правична соработка со Северна Кореја“, рече Лавров во интервју за државната телевизија, чии делови беа објавени во медиумите.
Кремљ најави дека се придржува до санкциите на ОН, но во исто време има право да развива добрососедски односи, кои ги вклучуваат и оние поврзани со чувствителни теми.
Соединетите Држави и сојузниците се загрижени за затоплувањето на воените врски меѓу двата соседа додека Русија ја продолжува својата инвазија на Украина, а Северна Кореја, изолирана комунистичка држава, продолжува да развива нуклеарни проектили и планови.