Функционери од власта се обидуваат да местат тендери со изготвување на спецификации за набавки со што се фаворизира еден понудувач и однапред се исклучува можно пријавување на повеќе понудувачи, рече Игор Јанушев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција.
– До нас пристигнаа информации кои фрлаат сомнеж дека така „скроена“ спецификација е направена при распишување на оглас за набавка на пневматици од страна на МВР, кој бил распишан на 09.10.2019 година, а за кој имаме сомнежи и информации доставени од свиркач дека помошник министерот во МВР задолжен за јавни набавки – Андријана Савеска Павловска, вршела притисок врз лицата кои го изготвуваат огласот да ја променат спецификацијата, со што таа би можела да фаворизира еден понудувач. Савеска Павловска е поставена на функцијата пред нецела година и според нашите информации вршениот притисок е регистриран и пријавен и за него постои службена белешка во МВР – рече Јанушев.
Тој додаде дека Савевска Павловска во тој момент не била надредена на лицето кое ја подготвувало тендерската документација и огласот, а за ваквиот притисок е известен и тогашниот помошник министер кој е сега во пензија, но реакција од МВР нема.
– Што се случува со овој случај? Со одлука на МВР тендерот е добиен од страна на „Пнеуматик Груп“ ДОО Скопје, врз основа на најниска понуда, но по жалба од „Мотоцентар“ жалбата се усвојува и се враќа на повторно одлучување, по што МВР повторно одлучува исто, и повторно го избира „Пнеуматик Груп“ ДОО Скопје. „Мотоцентар“ уште еднаш се жали, но повторно неуспешно, за на крај МВР да ја поништи постапката и повторно да распише нов оглас. На новиот оглас кој е распишан на 16.03.2021 година, погодувате, повторно е избрана фирмата „Пнеуматик Груп“ ДОО Скопје, а оваа одлука повторно е во постапка по жалба – вели Јанушев.