Според протоколите кои беа доставени, на свадбите нема да се игра оро, а танц на почетокот на прославата ќе имаат само младоженците. Исто така нема да има жива музика, а гостите ќе бидат во ограничен број. Задолжително ќе треба да има средства за дезинфекција на сите маси, а персоналот ќе мора да носи маски
Доколку епидемиолошката состојба остане стабилна и се задржи нискиот тренд на новозаболени од коронавирусот рестораните за свадби ќе бидат отворени најрано на 1 јуни, а најдоцна на 15 јуни. Според информации од Владата протоколите за организирање на свадбени прослави се подготвуваат и наскоро ќе бидат претставени пред сопствениците на угостителските објекти за да можат да се подготват за организирање на прославите.
Сопствениците на рестораните за свадби очекуваат дека свадби ќе има од следниот месец и тоа под строго утврдени протоколи. Според протоколите кои беа доставени, на свадбите нема да се игра оро, а танц на почетокот на прославата ќе имаат само младоженците. Исто така нема да има жива музика, а гостите ќе бидат во ограничен број. Задолжително ќе треба да има средства за дезинфекција на сите маси, а персоналот ќе мора да носи маски.
– Најдоцна до 5 јуни ќе ги добиеме протоколите за свадби и прослави кои ќе бидат многу конкретни и ригорозни. Ние ги доставивме предлог-протоколите и чекаме да видиме што ќе биде прифатено. Не очекуваме дека свадбите ќе бидат како порано, со многу гости и жива музика. Се надеваме дека конечно се создадени услови за да почнеме со работа со 50 отсто од капацитетите во отворениот дел од рестораните, изјави за ВЕЧЕР Перица Голомеиќ, сопственик на ресторан за свадби.
Тој рече дека се надеваат дека до 5 јуни ќе почнат со работа и оти го држат за збор министерот за економија Крешник Бектеши кој најави дека доколку продолжи ваквата епидемиолошка ситуација на крајот на мај или почетокот на јуни ќе може да се организираат свадбени и други прослави.
Сопствениците на рестораните за свадби велат дека луѓето постојано се интересираат под кои услови и кога најрано ќе може да резервираат свадба. Покрај ланските свадби кои се префрлени за оваа година има и најави за нови свадби.
Сè уште е неизвесно дали ќе има настап на естрадни уметници во угостителските објекти. Според сопствениците на угостителските објекти, Министерството за економија ангажира експерти кои во наредниот период треба да изготват предлог-протоколи за работа на угостителските објекти за свадби, ноќни клубови и настапи на естрадни уметници во угостителските објекти.
Конференциите и другите настани засега може да се организираат со 30 отсто пополнетост на капацитетите во затворениот дел и 50 отсто во отворениот дел на угостителските објекти.