Неговите снимки и забележани моменти изминативе шеесетина години ги збогатуваат архивите на неколку телевизии. Работниот век го почнал во некогашната Радио телевизија Скопје.
Легендарниот Гањо е познат по тоа што ги направи првите снимки од скопскиот земјотрес во 1963 година но и човекот на кого му се поклонуваше целата снимателска фела и еден од ретките кој ги снимаше настаните на доживотниот претседател на Југославија, Јосип Броз Тито.
Неговата кариера ја краса бројни признанија и награди, а Гањо со децении беше дел од телевизиски редакции и документарни екипи, без чии дела тешко дека денес може да се реконструира дел од видео приказната за Скопје и Македонија.
Кобното утро на 26 јули бил во својот дом, речиси ништо не навестувало на доаѓањето на големата катастрофа и се било мирно и тивко.
Гањо претходниот ден купува десет филмови за неговиот фотоапатрат , незнаејки дека фотографиите од тие филмови ќе го обиколат целиот свет, откако скопјани ќе се разбудат во рушевините во 5 часот и 17 минути, а тој прв ќе ги документира човечките судбини.
Секогаш со ведар и насмеан дух кој воопшто не попушташе под тежината на камерата ревносно забележувајќи го секој момент на настаните од политички, економски, културен или било кој аспект. Важеше за голем професионалец, колега, другар кој научил многу свои помлади колеги на занаетот со камера. Вистинска легенда, ќе речат луѓето што имале шанса да работат со Гањо.
Нека почива во мир.