Попуштање на рестриктивните мерки поради стивнувањето на пандемијата и намалувањето на бројот на активни случаи со Ковид-19 предложи вчера Комисијата за заразни болести. Предлогот на Комисијата е доставен до Главниот координативен кризен штаб.

Се предлага од 1 јуни заштитните маски да не бидат задолжителни на отворено, а на сите затворени места, јавен превоз и секаде каде не може да се одржува препорачана дистанца остануваат задолжителни, да престане да важи забраната за групирање на отворено – при групирање на повеќе лица останува препораката да се носат заштитни маски, да се дозволи организација на свадби и прослави на отворено со максимум 50 проценти исполнетост на капацитетот во отворениот дел, но не повеќе од 100 гости. Максимум дозволен број на гости на една маса да биде шест.

Комисијата предложи спортските натпревари на отворени терени да се играат со публика, но со максимална исполнетост од 30 отсто од капацитетот на стадионот, да им се дозволи на угостителските објекти да примаат по шест гости на една маса, додека сите останати рестрикции за нив остануваат во сила, а полицискиот час останува во сила.