Во вториот дел од серијата наречена ,,Правосудна мафија”, Expres.mk ви презентира нов случај кој е најдобар доказ зошто македонското правосудство има доверба од само 2 проценти.
Предметот кој се води за настани кои се случиле во далечната 2006 и 2007 година а во кој како тужител се јавува сопруг на судски моќник теоретски почнува пред 18 години и досега не е расчистен само затоа што во него се вплеткани партиски, бизнис и семејни интереси.
За вакви слични незаконски интереси и влијанија во правосудството претходната претседателка на Судскиот совет Павлина Црвенковска, за разлика од актуелната Весна Дамева, си даде оставка.
Контроверзниот предмет кој во правосудните кругови се нарекува ,,Брак од 40 милиони” вреди околу 700 илјади евра и за нив со директна или индиректна помоќ се бори сопругот на правосудната ,,моќничка”.
Според сите стручни наводи кои подолго време ги истражува expres.mk во него нема криминал и тој одамна требало да биде и затворен и застарен.
Предметот според анализите на Expres.mk се држи во живот со помош на политички, партиски и бизнис влијанија иако и на студент по право му е јасно дека никогаш не смеело да има судење затоа што во овој случај според многумина упатени воопшто нема дело.
Меѓу причините зошто цели 8 години се случува судење за непостоечко дело е тоа што управител на ”оштетеното” Акционерско друштво од Скопје е сопруг на многу моќна фигура во еден од главните македонски правосудни органи.
Оваа моќна фигура која во правосудниот тело дојде како партиски предлог преку една институција е во позиција да предлага и оценува судии за повисоки позиции а истите судии да судат за предметот на нејзиниот сопруг.
Во овој случај тоа е од круцијална важност затоа што токму моќната партиска фигура која е на чело на уште помоќната правосудна институција била инволвирана во унапредување на судии кои одлучувале за предметот што теоретски почнал во 2006 година.
Речиси десет години подоцна во 2015 година на само неколку недели пред застарување на непостоечкото дело по кривични пријави од новите сопственици Јавното обвинителство од официјално непознати причини поднесува обвинение иако на сите им е јасно дека во случајот нема дело.
Сопругот на моќната правосилна фигура која била висок член на СДСМ а кој е управител на Акционерско Друштво кое што сака да ги добие туѓите пари во тек на постапката е постојано присутен на судските рочишта со што индиректно преку својата сопруга врши влијание и врз судии и врз обвинители.
Меѓу многуте апсурдни ситуации во овој случај треба да се каже дека во септември 2023 година се носат измени на Кривичниот Законик со кои искористувањето на службената положба како дејствие на извршување на кривичното дело злоупотреба од ставот 1 од членот 353 се декриминализира.
Измените стапуваат на сила на 14.09.2023 година и делото кое се водело токму по овој член автоматски требало да запре.
Но и покрај декриминализацијата на делото, на истиот ден, односно на 14.09.2023 година, донесена е пресуда, со која обвинетите се осудени за делото злоупотреба на условна осуда и истите се задолжени да ја надоместат ”штетата” од 40.261.735 денари.
Два месеца подоцна, судијката која го суди предметот, е унапредена за судија во Апелациониот суд Скопје а моќната сопруга на тужителот ,,нема проблем” со унапредувањето.
Во овој дел од сторијата која ја истражува Expres.mk треба да се каже и тоа дека во врска со овој случај јавен обвинител во ист ден пишува две различни реакции до судот при што го менува обвинението.
Овој единствен случај во историјата на правосудството е приказна сама по себе но за неа нема никаква санкција ниту реакција од Советот на јавни обвинители иако двете реакции на вишото обвинителство ,,смрдат” на непрофесионализам со сериозна доза на сомнеж за корупција.
Капак на се е и фактот што можеби за прв пат во историјата (expres.mk не пронајде таков друг случај) Апелациониот суд укинал пресуда и наместо да ја врати на првостепен суд одлучил предметот да се суди повторно пред Апелациониот суд Скопје.
И оваа одлука на Апелациониот суд каде се наоѓаат ,,кадри” на правосудната моќничка чиј сопруг е директно засегнат дава простор за сериозен сомнеж за корупција.
Одлуката на Апелација да не го врати предметот на понизок суд туку да го решава мериторно постои како законска можност, но никогаш не се случило пресуда која е прв пат укината да биде одлучувана на овој начин пред апелационен суд.
Колкава улога во овој преседан имале судиите блиски на моќната фигура во правосудната институција, би требало да расчисти Судскиот совет каде една од инволвираните е важен член.
Друга варијанта е Јавното обвинителство особено делот за организиран криминал да провери каква е спрегата меѓу важната членката на судскиот совет, нејзиниот сопруг како бизнис заинтересиран и судиите што таа ги промовирала а кои одлучувале за предметот.
Третата варијанта е сите инволвирани да си дадат оставки и да ја исправат неправдата и да спречат моќници со правосудни заврзлами да добијат 40 милиони туѓи пари.
Извор: Express.mk
ПРОДОЛЖУВА